Историја

Прва Ромска парламентарна партија

Партијата за целосна еманципација на Ромите е основана на 12 август 1990 година како една од првите политички партии во независна Република Македонија и прва политичка партија предводена од Ромската заедница. На првиот конгрес од страна на делегатите за прв претседател е избран Фаик Абди.
 
За време на првите парламентарни избори ПЦЕР го кандидираше Фаик Абди и истиот беше избран за член во собранието на Република Македонија. Со тоа ПЦЕР стана првата Ромска парламентарна партија.
 
Во транзицијата на Р. Македонија во демократија, ПЦЕР учествуваше со неколку клучни работи кои денес се дел од нашата држава. Ја формиравме првата општина во Скопје со доминантно Ромско население - општина Шуто Оризари, Ромскиот народ во уставот доби изедначување со останатите етнички заедници во државата и бевме внесени во преамбулата како нејзини рамноправни граѓани, ја воведе традицијата на прославување 8 Април - светскиот ден на Ромите, формираше редакција во МРТВ за програма на Ромски јазик.
 
На третиот конгрес делегатите го избираат за претседател на партијата Самка Ибраимоски кој е сеуште актуелен претседател на ПЦЕР. На истиот конгрес се воведува нов централен одбор и беше избрана нова политичка платформа. Во тој период ПЦЕР учествува во дополнително зајакнување на вклученоста на Ромите во Р. Македонија со многубројни вработувања во јавните и државните институции како и воведување малцински квоти во универзитетите и настава на Ромски јазик.
 
Во 2011 година заедно во коалиција со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го кандидираат Самка Ибраимоски и истиот беше успешно избран како претставник во парламентарниот дом на Македонија.
 
Во текот на неговиот пратенички мандат, Самка Ибраимоски учествуваше многу активно во собранието и жестоко се бореше за правата на Ромите кои овојпат беа доведени неколку чекори назад со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој период се соочувавме со тешка дискриминација кон Ромите со враќање од граничните премини, навреди од високи владини претставници и голема корупција и незаинтересираност кај останатите Ромски политички партии кои беа дел од власта.
 

ПЦЕР денес

Отпор кон режимот

Водени од овие предизвици Партијата за целосна еманципација на Ромите како единствена Ромска опозициона партија реши на 7-от конгрес да ги обедини сите засегнати Ромски граѓани од цела Македонија кои се против авторитарниот режим на Никола Груевски и семејните династии на владеачките коалициони партнери.
 
ПЦЕР воведе модернизација и реорганизација на партиските структури кои ќе помогнат за придобивање на што е можно поголем број незадоволни граѓани, без ралика на нивната национална и етничка припадност. Партијата е веќе ревитализирана со огромен наплив на веќе револтирани храбри граѓани кои сакаат да помогнат кон рушењето на овој режим преку волонтеризам и активизам.
 
Делегатите со целоснa поддршка како веќе докажан, повторно го избраа Самка Ибраимоски за претседател на партијата. Формирана е младина за целосна емаципација на Ромите, која паралелно со партијата ќе се обиде да ги реши главните проблеми со кои се соочуваат младите Роми денес во Р. Македонија.
 
Го редефиниравме карактеристичниот визуелен идентитет на самата партија и Ромскиот народ - номадското тркалото. Го сменивме со тупаница како симбол на нашиот отпор и тешка борба.
 
Редовно сме вклучени и во целите на граѓанскиот и невладиниот сектор со кои заеднички ја делиме нашата иста идеолошка цел и заедничка борба против опресијата во општеството.
 
Како партија цврсто стоиме до нашите лево ориентирани идеолошки принципи, а тоа е целосна автономија и слобода на избор на сите човечки битија, без разлика на нивната расна, национална, етничка, сексуална, политичка, религиска и полова припадност.