Пристап

Пристап претставува можноста или правото да се искористи некое добро. Во општеството претставува истото, можноста да се искористат правично и еднакво сите добра кое тоа ги нуди.

Во историјата на Р. Македонија пристапот во општеството кај помалите етнички заедници особено кај Ромите беше неадекватно лимитиран. Пристапот до одредени гранки во општеството за Ромите беше недостижен. Роми не можеа да пристапат во силите на полицијата, на армијата, да држат политичка функција во владата, да бидат раководители или обични службеници во јавната/државната администрација. Единствена шанса имаа да влезат во истите тие институции како чистачи или домари, дискриминацијата беше евидентна.

Со имплементирање на рамковниот договор во 2001 година, останатите етнички заедници, заедно со Ромите добија можност и право да бидат подеднакво застапени во општеството соодветно на нивниот процент претставен во пописот на Р. Македонија. Со други зборови, ако администрацијата брои вкупно 120.000 вработени, Ромите со 2.5% застапеност на пописот, имаат право на 3000 вработувања.

Од тогаш поминаа 16 години, од кои 11 години владееше ВМРО-ДПМНЕ заедно со останатите Ромски политички партии кои беа во коалиција. Моментално од тие 3000 вработувања кои ни следат, имаме само 1215. Споредено со останатите етнички заедници, ние сме на дното на правична застапеност според рамковниот договор. Сите останати етнички заедници или го остваруваат правичниот процент или се многу блиску до него, само ние отстапуваме со речиси 66% недостаток.

Самите бројки кажуваат дека пропагандата на Ромските политички партии на власт заедно со ВМРО-ДПМНЕ е лажна и невистинита. Единствено Ромите не го добиваат своето право на пристап. Дали тоа се должи на неспособноста на Ромските политички партии на власт или на нивната незаинтересираност за Ромскиот народ додека тие лично се богатат, ние не знаеме. Ние само знаеме дека бројките не лажат и тие прикажуваат поинаква ситуација.

Во нашиот манифест за целосна еманципација на Ромите, за прв столб за остварување на истата го сметаме пристапот.

Остварување автономија, едукација и интеграција е невозможна без соодветен пристап. Бескорисно е високото образование, ако сме спречувани од влез во институциите само по основ на нашето етничко потекло.

Никој нема да ни го даде доброволно тоа што ни следува, треба да се избориме за тоа што ни следува.

Ние од ПЦЕР имаме подготвено стратегија за правична имплементација на рамковниот договор во однос на Ромите и стратегија за правична застапеност во останатите гранки на Македонското општество.

Првиот чекор го имаме остварено со постигнување на спогодба со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во која е договорена имплементација на рамковниот договор за остварување соодветна застапеност во институциите. Односно да го добиеме тоа што ни следува - тие 1800 вработувања.

Уште во првиот мандат, во најбрз можен период ќе ги надоместиме тие места, каде право на истите ќе имаат само Роми. Исто така зголемен ќе биде и бројот на Роми на раководни позиции во институциите, каде што главен приоритет и задача ќе им биде вработување на што е можно поголем број Роми и спроведување проекти во нивен интерес.

Вториот чекор ќе зависи не само од нас како политичка партија, туку и општо од нас како народ. Односно нашиот процент како заедница во Р. Македонија.

Ние од ПЦЕР сметаме дека застапеност на Ромите со 2.5% од популацијата во државата е далеку од реалната која е многу поголема.

Заради причини од дискриминација, страв од прогон или следен геноцид, Ромите на попис најчесто не ја искажуваат нивната вистинска националност, односно се регистрираат како Турци, Албанци или Македонци.

Потребно е да се направат услови и кампањи во коишто главен акцент ќе биде ставен на искажување на нашето вистинско етничко потекло на следниот попис. Бидејќи поминаа времињата на прогони и холокаусти, време е да застанеме заедно и да си ги бараме нашите права.

Освен тоа, огромен број Роми во Р. Македонија не се воопшто регистрирани во системот на евиденција. Според наши пресметки најмалку 10.000 Роми не се евидентирани во матичната книга на родени, не поседуваат лична карта, пасош или било кое друго средство за евиденција, неопходно при евиденција за попис на популација.

Проекти за регистрација на Роми досега имало само од невладини организации и траеле одреден краток недоволен период. Ние од ПЦЕР предложуваме формирање на посебна агенција за стратегија на Роми и Ромски прашања која во најголем дел ќе биде финансирана од државниот буџет и една од нејзините задачи ќе биде контиуниран проект за регистрација на Роми.

Со остварување на основи за пристап следува едукацијата како следен чекор за реализација на целосна еманципација на Ромите.

Едукација >

parliament