Author: pcerorgm

Министерот Самка Ибраимоски денес беше во посета на неколку градови низ Македонија каде што оствари средба со Ромски граѓани заедно со пратеникот од редовите на СДСМ – Васко Ковечевски. Посетата ја започна во Кичево и ја продолжи во Баир во Битола, Сточниот пазар и Љубојно.

Според граѓаните, тие го изразија своето незадоволство со претходната власт и за нивната незаинтересираност за Ромите во останатите градови во Р. Македонија и ја поздравија посетата на министерот Ибраимоски, каде што беше топло добредојден и пречекан од локалните жители.

На средбите се дискутираше за лошите услови за живеење во неколку населби каде што лошата инфраструктура и непостоењето на истата доведува до значително намалување на квалитетот на живеење на локалните Роми кои се приморани да импровизираат за да си обезбедат основни услови за живеење.

Сепак главен фокус на средбите со граѓаните се стави на невработеноста на локалните Роми и масовното иселување на цели семејства како нејзина последица. Според нив најголемото злодело на минатата власт е создавањето егзодус на населението. Во личен разговор со министерот еден од жителите со насолзени очи му порача дека му е смачено секој ден да го гледа своето семејство гладно и наместо да живее, приморан е да преживува, додека минатата влада се луксузирала со автомобили од 600.000 евра и лустери со Сваровски кристали.

На тоа министерот Ибраимоски порача дека е дел во коалиција која има план за подобар живот и дека промените допрва доаѓаат. Од своја страна вети на решавање на инфраструктурните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и голем број вработување во локалните, јавните и државните институции за кои е лично овластен од новата реформска влада. Министерот рече: „Процентот на Роми вработени во сите институции во државата е далеку под просекот и не соодвестува на процентот што ни е загарантиран со Охридскиот Рамковен договор според пописот на населението. Очекуваме илјадници вработувања во сите сектори за сите видови образование.“

На крај порача дека е ова е само почеток и нема да застане додека не ги посети сите градови во Македонија каде што живеат Роми.

 

Денес министерот Ибраимоски гостуваше во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5. Спроти него беше поранешниот министер без ресор од Демократската партија на Турците која беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Ибраимоски упати критика кон г-динот Иљас за големата неангажираност на сите партии од помалите етнички заедници кои беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и за малата улога на поранешните министри без ресори во извршната власт.

Во емисијата се дискутираше и за воведување на нов изборен модел со една изборна единица, која според министерот Ибраимоски ќе доведе до поголема правична застапеност на етничките заедници во парламентот. Министерот воедно напомена дека и процентот на Ромите според последниот попис е далеку од реалниот, и е најмалку двојно поголем, и на Р. Македонија во најбрзо време и е потребно спроведување на нов попис на населението.

Министерот Ибраимоски во емисијата исто така најави дека неговиот модел на управување во должноста на министер без ресор за стратегија на Ромите, значително ќе се разликува од неговите претходници и ќе биде поактивен во ширењето на свесноста за ситуацијата на Ромите во државата, како и тоа дека неговиот кабинет ќе биде отворен за сите граѓани на Републиката.

Денес претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимоски ја превзема функцијата министер без ресор за стратегија на Роми, откако претходно беше изгласана новата реформска влада на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и нејзините коалициони партнери во парламентот.

На својот прв работен ден во кабинетот, министерот Ибраимоски порача дека нема да биде како неговите претходници и поактивно ќе се ангажира за правата на Ромите. Во текот на првите 100 дена на владата ќе го претстави неговиот тим и националната стратегија за Ромите во Р. Македонија за 2017/18 година.

За повеќе информации и прашања кон министерот, можете да ги упатите на нашата веб-страница или лично на неговиот facebook профил овде.

Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) смета дека одлуката на Врховниот суд,за поништување на притворот и повлекувањето на потерниците за Сеад Кочан се добро режирани да се случат за време на викенд.

Како што е наведено во соопштението од ПЦЕР, Врховниот суд на ваков начин му овозможил на Сеад Кочан да отпатува во некоја држава каде што ќе му биде гарантирана сигурноста,а СЈО да нема време веднаш да реагира.

„Со ова се потврди дека сме „банан држава“ и дека нашето судство е до гуша корупирано и е диригирано од ВМРО ДПМНЕ “ стои во соопштението.

Од Партијата сметаат дека Врховниот суд немал право да разгледува барање на Основното јавно обвинителство за случај што го води Специјалното јавно обвинитество.

ПЦЕР бара еднаквост пред законот и пресуди според делото.

„Невини Роми лежат по затвори за ситна кражба по 10 години, а оние кои превезувале роднини во Германија се осудени по пет години, а криминалците се чуваат како заштитени бели мечки“ стои во соопштението.

Мактел

Партијата за целосна еманципација на Ромите ПЦЕР реагира на институциите кои се надлежни за спроведување на истрагата за случувањата од 27 април, пред сè Министерството за внатрешни работи и посочува дека најголеми виновници на влегувањето во Собранието и за поттикнување на штрајкувачите се токму организаторите Илиевски, Дамчески и за Јовановски.

„Згора на сè, тие на вчерашните протести добија уште поголеми крилја дека никој ништо не им може и продоложија со иста реторика.Затоа партијата ПЦЕР предлага да се притворат наведените организатори и да сносат одговорност за сè што направија изминатите денови, затоа што најголеми виновници се токму наведените лица“, велат од ПЦЕР.

Не може пратеници да се претепани и да се лекуваат по болници, а организаторите да бидат на слобода, реагира ПЦЕР.

Мактел

Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) најостро реагира на она што се случи на 27 април, особено на, како што вели, самоволието на двајцата пратеници на ВМРО ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василески, да ги отворат вратите на законодавниот дом и да ги пуштат платените затвореници тепачи да ги тепаат пратениците.

„Одговорност мора да има. Има камери во Собранието и ако се утврди дека навистина е така, треба веднаш да им се укине имунитетот и од нив да се побара кривична одговорност. Според наши партиски сознанија, сето ова било режирано, кој да ги отвора вратите, кој да ги носи тепачите кај пратениците, кој наводно ќе ги бранел. Тоа што го видовме на видео снимките на скалите, внатре во Собранието, како полицајците ги пуштаат тие што треба да ги тепаат пратениците, беше капак на сè“, велат од ПЦЕР.

Од партијата порачуваат дека на потег се МВР и Обвинителството кои мора правично да постапат.

„Ние имаме докази, видео снимки, со кои ќе докажеме дека сите учесници на оваа организирана банда треба да одговараат“, соопшти ПЦЕР.

Мактел

Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) бара целосна независна истрага со вклучување и на странски експерти за да се пронајдат виновниците за вчерашниот напад на пратениците и новинарите и да бидат казнети согласно законите и Уставот.

Од ПЦЕР го осудуваат, како што велат во се наведува во соопштението, вчерашниот обид за државен удар во Собранието изведен од т.н. граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“ и координиран од институции надлежни за одржување на јавен ред и мир.

Од партијата се оградуваат од учеството на членови на партијата Сојуз на Роми кои беа дел од вчерашните насилни дејствија против легално избраните пратеници во законодавниот дом.

ПЦЕР повикувајќи се на фотографии од синоќешниот напад на Собранието и пратениците наведува дека меѓу лицата кои тепале пратеници биле вработени од општина Шуто Оризари.

„Сакаме да кажеме дека за дел од овие лица има кривични пријави за насилство и физички напад уште од Парламентарните избори во 2011 година, но за жал органите на прогонот и обвинителството досега не презедоа никакви дејствија и со тоа стана дел од вчерашниот обид за пуч во Собранието“ се вели во соопштението.

Мактел

Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) денеска најави дека ќе организира протести доколку за брзо време не се исплати целосно долгот кон граѓаните кои примаат социјални трансфери, социјална помош, постојана парична помош, туѓа нега и други трнсфери.

„Остануваме доследни на тоа ветување. Според наши сознанија, Министерството за труд и социјална тешко ќе може да ја исплати социјалната помош, затоа што касата на МТСП е празна. Немаат исплатено надоместок за електрична енергија на социјалните случаеви веќе подолг период, а доцни и исплатата за инвалидните организации“, велат од партијата.

Мактел

Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) реагираше, откако Основното јавно обвинителство соопшти дека отвори случај за истражителот на СЈО, бидејќи фотографирал објект, за кој имал индиции дека е во сопственост на поранешниот началник на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Ако ОЈО реагира со ист аршин без разлика кој и да е,зошто се уште не рагира на нашата пријава за бившиот министер на труд и социјала Диме Спасов кој остави еден куп семејства без социјална помош која им е едниствена егзистенција и приход,поради трансферот на пари преку „Вестерн унион“. Од пријавата нема ни трага ни глас. Со вашето однесување деновиве покажавте како ОЈО дека сте наклонети сто процентно кон власта – велатт од ПЦЕР.

ПЦЕР бара, Специјалното јавно обвинителство што е можно поскоро да обелодени кој прислушувал и да стави крај на лагите и манипулациите на власта.

Фокус

Почитувани, добредојдовте на нашата нова веб страница. Тука ќе можете да се запознаете со структурата и внатрешната организација на нашата партија, како и моменталната програма која планираме да ја спроведеме по завршувањето на парламентарните избори во Р. Македонија.

Освен тоа, на ова место ќе можете да ги прочитате сите новости околу нашата организација на нашиот нов портал за вести. Погледнете ја галеријата од изминатите граѓански протести што ние ги организиравме или стапете во контакт со нас за сите прашања што ги имате.

Со почит, ПЦЕР.